Погребот на папата Франциско: Претседатели, премиери, кралски семејства, илјадници верници
Кралски семејства, претседатели, премиери и стотици илјади верници се собраа на плоштадот Свети Петар во Ватикан да му оддадат последна почит на папата Франциско на мисата во чест на неговиот понекогаш бурен понтификат, пишува Ројтерс.
Меѓу присутните од повеќе од 150 земји е и претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, кој во повеќе наврати се судри со Франциско околу нивните изразено спротивни ставови за миграцијата.
Илјадници верници поитаа кон Ватикан во раната зора. Многумина кампуваа за да заземат места што поблиску до бината за церемонијата.
Аргентинскиот папа почина во понеделникот, во 88 година од животот, по мозочен удар. Неговата смрт го означи почетокот на внимателно планираниот период на транзиција за Римокатоличката црква со 1,4 милијарди членови, обележан со древни ритуали, раскош и тага.
Во изминатите три дена околу 250.000 луѓе поминаа покрај неговото тело, кое беше изложено во отворен ковчег пред олтарот на базиликата Свети Петар од 16 век.
Неговиот ковчег денес беше изнесен низ главната врата за погребната миса на отворено која почна во 10 часот. Многуте странски функционери се сместени од едната страна, наспроти стотиците кардинали со црвени капи на другата страна.
Првиот папа кој не беше Европеец во речиси 13 векови, Франциско се бореше да ја преобликува Римокатоличката црква во текот на своето 12-годишно владеење, застанувајќи на страната на сиромашните и маргинализираните, додека ги повикуваше богатите нации да им помогнат на мигрантите и да се борат против климатските промени.
„Франциско на сите им остави прекрасно сведоштво на човечност, свет живот и универзално татковство“, се вели во официјалното резиме на неговиот понтификат, напишано на латински јазик и поставено покрај неговото тело.

Традиционалистите пружаа отпор на неговите напори Црквата да ја направи потранспарентна, додека неговите апели за прекин на конфликтите, поделбите и суровиот капитализам често остануваа без одговор.
Папата ги избегнуваше помпите и привилегиите често поврзани со папството, и таа желба за едноставност ја пренесе на неговиот погреб, преправајќи ги раскошните и долги погребни ритуали кои претходно се користеле.
Додека погребот на папата Јован Павле Втори во 2005 година траеше речиси три часа, денешната служба е предвидена да трае 90 минути.
Франциско се одлучи да се окаже од вековната пракса на погребување на папата во три меѓусебно споени ковчези од чемпрес, олово и даб. Наместо тоа положен е во едноставен ковчег обложен со цинк, запечатен во текот на ноќта.
Во уште еден раскин со традицијата, тој ќе биде првиот папа погребан надвор од Ватикан во повеќе од еден век, бирајќи ја базиликата Света Марија Велика во Рим, околу 5,5 километри од плоштадот Свети Петар, како свое конечно почивалиште.
На неговиот гроб е испишано само „Franciscus“, неговото име на латински јазик. Над мермерната плоча виси реплика на едноставниот железен крст кој го носеше околу вратот.
Италија организираше една од најголемите безбедносни операции уште од погребот на Јован Павле Втори. Воздушниот простор над Рим е затворен, а ангажирани се дополнителни безбедносни сили, вклучувајќи противвоздушни ракети и патролни чамци.
Штом Франциско ќе биде погребан, вниманието ќе се насочи на изборот на неговиот наследник.
Тајните конклави за избор на нов папа веројатно нема да почнат пред 6 мај, а би можеле да бидат одложени неколку дена, давајќи им време на кардиналите да одржат состаноци, меѓусебни проценки и на состојбата на Црквата, која се соочува со финансиски проблеми и идеолошки поделби.