Повикот за бојкот ги остави празни маркетите, намалениот промет ќе го објави УЈП
Повикот за бојкот ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите, а намалено беше и пазарењето во помалите продавници и на пазарите. За износот на намалениот промет се очекуваат информации од Управата за јавни приходи. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески го поддржува бојкотот, но нагласува дека единствен начин за решавање на проблемот со високите цени е дијалогот меѓу производителите и продавачите.
„Ќе поддржам се што има реална основа, а има реална основа овде да се реагира. Сепак, како претседател на Комората во која членуваат и ланците маркети, ќе инсистирам да се најде решение низ дијалог. Македонија е толку поделено општество што нови поделби не и се потребни, потребен и е дијалог да ги решиме старите. Како заштитник на компаниите, дијалогот е излез од оваа ситуација, проблемот меѓу производителите и продавачите не е од сега, туку од поодамна, а може да се реши само со разговор. Кај нас таков дијалог се одвива постојано, настојуваме да се спречи секаков потрес меѓу нив за да не се одразува врз стандардот на граѓаните. Овие нови форми и методи на вакви активности преку социјалните мрежи ќе станат секојдневие и ние треба да ги почитуваме и да ги поддржуваме, но тоа треба да биде и знак за сериозен разговор што ќе доведе до решение. Ние ќе се однесуваме најодговорно и заедно со Владата ќе бараме решение за тоа и нормално, со останатите чинители“, рече Азески
Како што укажа премиерот Христијан Мицкоски, има економски оператори кои ја злоупотребуваат положбата на пазарот.
„Дијалог мора да има за да се најде решение. Тоа е алатка што ја користиме и ќе ја користиме и тука нема никаква дилема. Но, истовремено, уште вчера, детектирав и други области кои исто така влијаат негативно врз стандардот на граѓаните. Мора да признаам дека има некои економски оператори кои ја злоупотребуваат својата положба на пазарот. За мене, пред се како граѓанин, е нелогично исти производи во маркетите кај нас да бидат со исти или повисоки цени од маркетите во соседството или исти лекови кај нас да се два до три пати поскапи или бела техника, не може кај нас да биде до 50 отсто поскапо. Како човек е логично да изразам разбирање за постапката на граѓаните, но и како премиер. Не можам само да седам на страна и само да набљудувам“, рече Мицкоски.
Занаетчиската комора, исто така го поддржа бојкотот, а претседателот Агрон Фазлији, апелирашпе граѓаните секогаш кога ќе имаат можност да купат леб и други прехранбени продукти во занаетчиските пекари и други дуќани за да се поддржи локалното производство. Воедно ги повика занаетчиите да ги намалат цените на своите продукти.
Премиерот Мицкоски, претходно најави дека в понеделник на седница на Економско-социјалниот совет ќе презентира, како што рече, „вистински цени“ од производи од потрошувачката кошница, бидејќи според него се манипулирало при пресметката од страна на поранешни функционери од СДСМ.
„За минималната синдикална кошничка дали сте ја виделе методологијата? Ќе ви дадам одговор ако не сте ја виделе. Јас во мојот живот лубеница и црешни во јануари не сум јадел, не знам за вас во СДСМ можеби ви е вообичаена пракса. Тоа е дел од методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка која е со цени од неколку маркети кои во јавноста се познати како ексклузивни без да биде пресметана просечната цена. А ја пресметуваат Никола Попоски поранешен потпретседател на СДС, Драган Тевдовски поранешен министер за финансии од СДСМ и Бранимир Јовановиќ кој беше дел од Ленка, Левица па отиде советник кај Тевдовски, овие тројца ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка. Отидов во неколку маркети и ги извадив неколку производи од потрошувачката кошничка и констатирав дека само за храна и пијалаци 3.000 денари е помала сумата од тие што се декларирани во минималната синдикална кошничка односно 15 отсто помалку. Ова ќе го презентирам на Социјално-економскиот совет и тоа со слики, да се видат вистинските цени“, рече Мицкоски, во одговор на пратеничко прашање во Собранието.
Според најавите, на седницата на ЕСС задутре ќе се разговара за минималната плата, а Владата останува на ставот дека ќе го прифати она што ќе го договорат синдикати и работодавачите. Согласно законот, во март треба да се направи усогласување на минималната плата која според досегашните пресметки треба да се зголеми за 1.800 денари.
Трошоците на животот во декември годинава во однос на декември минатата година, се зголемени за 4,4 проценти, а цените на мало за 4,3 проценти.