По модернизација на пругата од Коридорот 10 возовите ќе „шибаат“ по 160 км/ч
Реконструкција на Коридорот 10 во железницата што ќе доведе до побрз транспорт на патници и стока најави премиерот Мицкоски. Тој кажа дека откако ќе се модернизира и реконструира пругата возовите ќе се движат со брзини од 160 км/ч.
„Ќе се модернизира и реконструира Коридорот 10, железничката пруга од Табановце до Гевгелија. Откако тоа ќе се заврши граѓаните ќе можат да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 км/ч во просек, а карго возовите во просек ќе возат 110 км/ч, што значи најмалку четири пати повеќе од сегашниот просек. Со тоа очекуваме не само зголемена брзина на карго превозот, туку очекуваме и зголемен интерес за повеќе по бројност композиции. Во нето износ тоа да биде најмалку 10 пати повеќе од тоа што денеска е и крајната цел е Македонски Железници годишен приход да достигне помеѓу 100-120 милиони евра“, истакна Мицкоски.
Премиерот додаде и дека инвестираат и во здравството. Како дел од проектите ги истакна изградбата на Клиничката болница во Штип, зграда на Медицинскиот факултет, студентски дом, болница во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово.
„Заедно со реконструкцијата на коридорот инвестицијата ќе надмине 2 милијарди евра. И понатаму продолжуваме да бараме партнер за изградба на стратешки проекти. Во енергетиката главен фокус ни е проектот Чебрен и Галиште“, посочи Мицкоски.