МакедонијаНајново

Охридската ривиера чека многубројни гости за новогодишните празници, се подготвува богата програма за туристите

За да одговорат на потребите на гостите, хотелите и рестораните на брегот на Охридското Езеро сè повеќе се ангажираат работоспособните пензионери, најчесто како помошен кадар во кујните

Годинава има голем интерес за новогодишните празници, а по традиција најбројни гости на Охридската ривиера се од соседството, особено од Србија каде што туристичките агенции на големо го нудат нашиот туристички бисер за дочекот на Новата година, велат од ХОТАМ. Според дописничката на МРТ, по теркот на европските метрополи годинава на двата охридски плоштади ќе има новогодишни базари за посетителите. Од локалната самоуправа велат се организира масовен дочек на Новата година на градскиот плоштад, со богата музичка програма која ќе биде објавена деновиве.

– На двата плоштади ќе бидат поставени унифицирани типизирани куќарки за продажба на храна и сувенири како и за продажба на новогодишни украси, со што би се збогатила и онака богатата понуда на градот Охрид, каде што многубројните туристи ќе може да уживаат во Новогодишната атмосфера – вели Александар Попоски директор на ЈП Градски пазар Охрид.

Но, за да одговорат на потребите на гостите, хотелите и рестораните на брегот на Охридското Езеро сè повеќе се ангажираат работоспособните пензионери, најчесто како помошен кадар во кујните. Според експертите, потребата од дополнителни приходи е главната причина што пензионерите наместо да одмараат, продолжуваат да ги пополнуваат испразнетите работни позиции. Дополнителна причина за нивниот ангажман е и недостигот на кадар во туризмот.

– Има доста пензионери со големо искуство во сите гранки не само во туризмот што може да дадат огромен придонес на пазарот на трудот во државата. Дел од пензионерите, се чувствуваат дека можат да одговорат на обврските – вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Според процените на ХОТАМ од 15 до 20 отсто од пензионерите во хотелско туристичката индустрија продолжуваат со работа и во пензионерските години.
И професорот по туризам Науме Мариноски се согласува дека е потребен ангажман на пензионираните и искусни кадри и тоа веќе не е новина во околните земји, но и во ЕУ.

– Тоа го имате и во земјите во Европската Унија, а јас ќе ја посочам Унгарија, каде што во недостигот на работната сила се надополнува со ангажирање на пензионерите. Тоа значи дека има можност за искористување на оние кадри што се способни, иако се во одмината возраст – вели професорот Мариноски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons