Општините со најголеми заштеди на електрична енергија
Откако од септември стапија на сила владините препораки за штедење во министерствата, државните институции и компании, Министерството за економија го објави првиот извештај за тоа кој колку заштедил. Според тоа, вкупната заштеда на министерствата, заедно со ЕСМ и МЕПСО изнесува 20 проценти, општините заштедиле 29 проценти, додека најмала заштеда е забележана кај државните компании од 8 проценти. Презентирајќи го извештајот, министерот Бектеши, порача дека можат да бидат направени големи заштеди, доколку сите се однесуваат рационално.
„Доколку сите дадеме придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, секој со свој личен влог, може да помогне полесно, и со најмали можни последици, да се справиме со оваа енергетска криза“, порача Бектеши.
Иако најголемиот дел од институциите се придржувале до препораките и успеале потрошувачката да ја намалат за најмалку 15 проценти, осум од нив успеале да заштедат само од 6 до 12 проценти. Отстапува само Министерството за локална самоуправа, кое наместо да ја намали, ја зголемило потрошувачката за дури 79 проценти. Целта не ја постигнале ниту 7 од вкупно 17-те државни компании. Потрошувачката на УЈП останала иста, Радиодифузија ја зголемила за 10 проценти, а во Јавното претпријатие Водостопанство е регистрирано зголемување на потрошувачката од дури 144 проценти. Во врска со институциите кои не ја постигнале целта за намалување на потрошувачката, Бектеши вели дека во владата ќе се разговара за барање одговорност од нив.
„Имајќи во предвид дека информацијата беше доставена до владата вчера, и не беше присутен премиерот, бидејќи е на службен пат заедно со министерот за финансии, и не беше разговарано во делот на одговорноста. Што се однесува до Водостопанство, веќе се превемени соодветни мерки, и тие најверојатно ќе ги најави премиерот. Откако ќе се врати, иако јас веќе го брифирав, и советникот за енергетика најверојатно го брифирал а сите податоци, тогаш значи ќе го кажеме ставот како влада“, додаде министерот за економија.
Анализата исто така покажува дека вкупно 111 институции немаат потпишано договор за снабдување со електрична енергија и се снабдуваат на краен снабдувач со многу повисока цена. Тоа се основните и средните училишта, по што следуваат некои од министерствата и речиси сите здравствени установи.