ОДЛОЖЕНИ СЕ ДВЕ ИЛЈАДИ ОПЕРАЦИИ ЗА САМО ТРИ НЕДЕЛИ: Еве каква е состојбата во операционите сали на клинички
Речиси цел месец операционите сали на клинички работат со двојно помал интензитет. Институциите со недели истражуваат, но и натаму не е утврдено од каде се шири непријатната миризба во салите. По барање на заменик министерката во здравство, Маја Манолева повторно бил извршен надзор во хирургија од страна на државниот здравствен и санитарен инспекторат, но и од трудовиот инспекторат, објави 24 вести.
Директорката на трудовиот инспекторат Весна Томовска потврди дека надзорот е завршен и дека е издадена инспекциска мерка.
– Државниот инспекторат за труд во координација со Државниот здравствен и санитарен иснпекторат изврши надзор. Издадена е инспекциска мерка – да се изврши мерење на хемиските штетности во просториите на хируршките клиники, од причини што од изјави од вработените истите се пожалија на непријатен мирис и печење во очите. Мерењата треба да ги направат лиценцирани фирми за таа намена. – вели Весна Томовска директорка на Инспекторат за труд.
Од министерството за здравство пак нема одговори на прашањата што се презема во моментов, дали се пристигнати резултатите од испитувањата што ги побара министерот Демири од германски експерти, ниту пак дали ќе се стави во функција уште една сала утре, со помош на надворешни компресори, како што се очекуваше.
Информации нема ниту од јавното обвинителство кое треба да утврди дали има елементи на кривично дело во случајот. Дел од салите на хируршките клиники почнаа да оперираат и елективни пациенти, но со ограничен капацитет и со помош на надворешни компресори.
Дел од хирурзите веќе јавно порачаа дека проблемот мора што поскоро да се реши, бидејќи листата на чекање се зголемува, а според проценките за само три недели 2.000 операции се одложени.