Од септември делумно се пушта градскиот воз, прва ќе профункционира трасата Миладиновци – Транспортен центар
Во утринските часови кои се „ударни“ термини, возови ќе има на секои 15 минути, додека пак во деловите од денот каде е предвиден помал број на патници, линијата ќе тргнува на секои 40 минути, со што предвидени се 18 линии на ден во двата правци. Со оглед на различниот интензитет, во утринските часови ќе трасираат два воза, а попладне во сообраќај ќе биде пуштен само еден воз, соопшти директорот за патнички сообраќај при Македонски железници, Горанчо Јовановски.
Скопје е една од балканските престолнини која сѐ уште се мачи да воспостави квалитетен и ефикасен градски железнички транспорт со кој ќе се намали метежот по улиците и ќе се олеснат капацитетите на автобусите на ЈСП-Скопје, а според најавите на Македонски железници, скопјани првиот градски воз ќе можат да го користат од 1 септември оваа година.
Пробна тура на БРТ, зачувување на зеленилото најголем предизвик
„Слободен печат“ во петокот беше на една пробна тура организирана од здружението „Гоу грин“ или „Биди зелен“, а патешествието започна од пред салата „Партизан“ во Карпош, од каде со автобус се возеше во поголемиот дел од една од предвидените линии на системот за ефикасен и брз јавен транспосрт БРТ, во насока од Ѓорче Петров до паркот „Рајска градина“ во Ново Лисиче, попознат како паркот каде што е последната линија од автобусот број 5.
Низ патувањето не водеше Дарко Арсовски Петровски од организаторот „Гоу Грин“, кој на патот од Карпош до Аеродром говореше за линијата, но и за предизвиците со кои ќе се соочи Градот при изведбата на посебните линии за движење на возилата на БРТ со цел да го зачува зеленилото на главните сообраќајни „артерии“ во Скопје.
– Во поголем дел од проектот линијата на БРТ ќе се направи во третата лента од сообраќаќајот, односно најлевата. Градоначалникот на Скопје соопшти дека централното зеленило на булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“ нема да се чепка и отстранува, со што ќе се скратат преостанатите две ленти, а меѓу лентите за автомобили и БРТ ќе има уште еден ред зеленило, со што се отвора дилемата за велосипедските и пешачките патеки и потребата од нивно кратење или целосно изземање од сообраќајот- вели Арсовски Петровски.
Тој потенцираше дека долж целата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче има повеќе „јазли“ каде се сместени најголемите предизвици, како што се оние кај „Рекорд“ и Судска палата, каде ќе се спојуваат повеќе линии. Постојките за БРТ се предвидени од левата страна, односно спроти тротоарите, со што превозниците откако ќе излезат од автобусот на БРТ, како што вели Арсовски Петровски, ќе треба да преминат преку лентата на БРТ, зеленилото, двете ленти за возила и велосипедска патека за да стигнат до просторот за пешаци, што ќе биде предизвик.



