Од ноќеска почнува летното сметање на времето
Летното сметање на времето почнува ноќeска во два часот по полноќ, кога часовниците се поместуваат еден час понапред, па во два часот ќе биде три.
Според Уредбата за летно сметање на времето во 2026 година, промената стапува на сила на 29 март и ќе трае до 25 октомври.
Ќе спиеме еден час помалку, но деновите ќе бидат подолги.
Ќе се вратиме на зимско сметање на времето на 25 октомври, последниот викенд во октомври во ноќта помеѓу сабота и недела. Благодарение на паметните телефони, компјутерите и другите уреди поврзани со интернет, дигиталните часовници често се поместуваат напред или назад автоматски.
Некои земји низ светот ја укинаа практиката на менување на времето, а сè уште има спорови околу тоа дали да се помести часовникот двапати годишно или да се воведе само зимско сметање на времето.
Една од причините што најчесто се наведува како мотив за напуштање на летното сметање на времето е научното истражување за влијанието на менувањето на часовникот врз здравјето на луѓето, кое сè повеќе се спроведува низ целиот свет и главно ги покажува негативните последици од оваа практика.
Студија од 2016 година, која ја испитуваше врската помеѓу летното сметање на времето и сообраќајните несреќи, откри дека од 2002 до 2011 година, преминувањето на летно сметање на времето предизвикало повеќе од 30 смртни случаи, со штета од 275 милиони долари годишно.
Основната идеја е подобро да се искористи дневната светлина. Во лето, кога деновите се подолги, часовниците се поместуваат напред, така што еден час наутро се „краде“ и се додава на вечерта – за темнината на падне подоцна, пишува BBC News.
Ова првпат го смислил американскиот политичар и научник Бенџамин Франклин, уште во 1784 година. Тој објавил есеј во кој предложил луѓето да стануваат порано и на тој начин да заштедат на свеќи.
Новозеландскиот научник Џорџ Вернон Хадсон заклучил дека луѓето се посоодветни за живот преку ден отколку ноќе, а во 1895 година предложил поместување на часовниците за два часа напред, за да може во текот на летото да се користи повеќе дневна светлина.
Летното сметање на времето за прв пат го воведе Германија во 1916 година, а неколку недели подоцна и Велика Британија.



