МакедонијаНајново

Од вторник Градски воз: Осум линии дневно меѓу Зелениково и Скопје

Од 1 септември повторно ќе биде достапна железничката врска меѓу Зелениково и Скопје, со градски воз кој ќе сообраќа осум пати дневно во двата правца.

Возот од Зелениково ќе застанува на станиците Зелениково Ново, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче, а крајна станица ќе биде Железничката станица Скопје.

Првиот воз од Зелениково ќе тргнува во 6:20 часот, а потоа ќе има поаѓања во: 8:30 часот, 12:26 часот,  14:00 часот, 16:25 часот, 18:30 часот, 20:12 часот и 21:55 часот.

Во обратен правец, од Железничката станица Скопје, првиот воз ќе тргнува во 5:32 часот. Следните поаѓања се во: 7:30 часот, 11:40 часот, 13:20 часот, 15:42 часот, 17:45 часот, 19:12 часот, 20:56 часот

Патувањето од Зелениково до Скопје ќе трае меѓу 24 и 28 минути, зависно од поаѓањето. Патувањето од Скопје до Зелениково ќе трае меѓу 24 и 26 минути.

Возниот ред ќе важи од 1 септември до 31 декември 2026 година.

Новата железничка врска е особено значајна за жителите на Зелениково, Орешани, Драчево, Лисиче и околните населени места кои секојдневно патуваат кон Скопје. Возниот ред треба да биде усогласен со работното време, училиштата и останатиот јавен превоз во Скопје, бидејќи токму поврзаноста на железницата со градскиот транспорт ќе одреди колку практична ќе биде оваа линија во секојдневието.

За разлика од скопјани некои граѓани од поголемите градови немаат можност да патуваат со воз и услугата која ја користеле со децении, не ја добиваат поради недомаќинското работење на железничките претпријатија во овие 25 до 30 години.

По македонските пруги сообраќаат десет пара патнички возови, по три од Скопје за Битола и Велес, и по два за Куманово и Гевгелија. Укинати се два воза од Скопје кон Велес, укинат е еден воз од Скопје кон Битола, а нема ниту меѓународни возови кон Грција, Србија и Косово. Претходно, „Македонски желeзници“ соопштија дека  привремено се укинуваат три патнички воза, два локали од Скопје до Велес и еден за Битола. Тие нема да сообраќаат до 10 јуни следната година. Причината за ваквата одлука беше реконструкција на пругата на делницата Скопје – Зелениково.

Намалувањето на бројот на возови, посебно на релацијата Скопје – Битола – Скопје, која е најфреквентна со патници и опслужува најголем број населени места, има сериозен ефект врз социо-економската состојба на граѓаните. Во некои делови, на таа пруга во Велешко и во Прилепско, граѓаните немаат друга алтернатива за патување до работа или до лекар, освен возот.

Возовите од Скопје кон Кичево и Кочани не сообраќаат од мај 2021 година. На овие граѓани им остана само пруга обрасната со трева за да ги потсетува на времето кога железничките станици во Кочани, Штип, Тетово, Гостивар и во Кичево беа преполни со патници. Најголем дел од нив млади студенти, кои го користеа евтиниот превоз до македонската престолнина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons