Актуелно

Објавeни огласите за субвенционирање на клима уред и на сметките за струја – ова се условите 

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, врз основа на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година ги објави огласите за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија. Огласите се однесуваат на купен и вграден инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+ и за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи.

Со огласите се обезбедува заштита на ранливите потрошувачи кои се наоѓаат во состојба на енергетска сиромаштија, преку унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење на домаќинствата кои исполнуваат утврдени критериуми за ниски приходи или се социјално ранливи.

На огласот за клима уред имаат право да конкурираат домаќинствата со ниски приходи, чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не надминувал 25.000 денари за едночлено домаќинство, 31.000 денари за домаќинство со два члена, 37.000 денари за домаќинство со три члена и 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена. За пензионерите критериумите се 15.700 денари за едночлено домаќинство, 19.800 денари за домаќинство со два члена и 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена.

Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.

За финансиска поддршка за потрошена електрична енергија имаат право да конкурираат домаќинствата со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, со потполно слепо лице, со потполно глуво лице.

За доделување на инвертер клима уред – рокот за аплицирање е 60 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до 5 октомври 2025. За финансиска поддршка за потрошена електрична енергија – рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до крајот на август, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons