Македонија

Нови цени на пумпите од утре – возачите ќе плаќаат помалку за бензин и за дизел

Бензините и дизелот бележат намалување од околу денар и пол за литар, додека мазутот значително поевтинува. Сепак, екстра лесното масло за горење регистрира мало поскапување. Од РКЕ појаснуваат дека новите цени се во согласност со берзанските движења и важат од полноќ. И покрај намалувањето на цените на горивата на домашниот пазар, останува присутна неизвесноста, бидејќи цените на светските енергетски берзи се под силно влијание на геополитичките тензии, прекините во снабдувањето и честите нагли промени во тргувањето со нафта и со гас, што може повторно, во секој момент, да предизвика нивни раст

Регулаторната комисија за енергетика денеска ги утврди највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и на горивата за транспорт, со што повторно се изврши корекција на цените на домашниот пазар на горива. Според одлуката, бензините и дизелот поевтинуваат за околу денар и пол за литар, мазутот бележи намалување од 2,939 денари за килограм, додека екстра лесното масло за горење ќе поскапи за половина денар. Новите цени ќе стапат на сила од ноќеска на полноќ.

Со оваа одлука, малопродажните цени ќе изнесуваат 80,50 денари за литар за еуросупер БС-95, 82,50 денари за еуросупер БС-98, 94,00 денари за еуродизел БС (Д-Е V), 97,00 денари за екстра лесното масло за горење и 46,288 денари за килограм мазут М-1 НС. Од Регулаторната комисија појаснуваат дека трговците можат да формираат и пониски цени од утврдените максимални, во зависност од условите на пазарот, додека во цените е вклучен и данокот на додадена вредност, како и пропишаните акцизи.

Промените на домашниот пазар се случуваат во период на засилени турбуленции на светските енергетски берзи, каде што цените на нафтата во изминатиот период прво забележаа пад по периодот на привремено примирје на Блискиот Исток, но од денеска повторно започнаа нагорен тренд по обновените судири меѓу САД и Иран и новата ескалација на безбедносната ситуација во регионот.

Пазарите на енергија веќе подолг период се соочуваат со силна нестабилност откако на 28 февруари САД и Израел извршија напади врз Иран, по што Техеран возврати со остри закани дека ќе го ограничи или целосно затвори Хормускиот Проток за комерцијален сообраќај. Преминот претставува една од најважните светски поморски маршрути преку која минуваат околу 20 отсто од глобалните испораки на нафта и на течен природен гас, што дополнително ја зголеми неизвесноста на пазарите.

Во тој период, цената на суровата нафта брент, која на почетокот од кризата се движеше околу 70 долари за барел, на 9 март достигна речиси 120 долари, што претставуваше еден од најголемите скокови во последните години и предизвика сериозни последици за глобалните економии, особено за земјите увозници на енергенси.

По краткотрајниот период на стабилизација и најавите за примирје, цените повторно се намалија, но новите геополитички тензии и инциденти во Персискиот Залив повторно ги туркаат нагоре. Аналитичарите предупредуваат дека пазарот е чувствителен на секој сигнал за прекин на снабдувањето или на нова ескалација на конфликтот, што веднаш се одразува на берзанските цени. Во таа насока оди изјавата на шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, кој истакна дека треба светот да се подготви за нестабилни пазари на подолг период.

– Светот мора да биде подготвен за „значително повисоки“ цени на енергијата доколку продолжи нестабилноста во Хормускиот Проток. Дури и во случај на повторно воспоставување слободна пловидба, цените нема брзо да се вратат на нивото од пред кризата, бидејќи пазарите веќе се адаптирале на нови ризици и долгорочна неизвесност – истакна Бирол.

Според неговите оцени, енергетскиот систем ќе остане под притисок и во наредниот период, а целосна стабилизација би можела да се очекува дури по неколку години, зависно од развојот на ситуацијата на Блискиот Исток и темпото на закрепнување на производството во клучните земји извозници на нафта.

Во регионот, од Грција има предупредувања дека следуваат потенцијални ризици доколку продолжи кризата. Тамошните рафинерии соопштуваат дека земјата моментално има резерви на гориво за околу два месеци, но дека значително може да се влоши ситуацијата ако се продолжи блокадата или ограничувањето на сообраќајот низ Хормускиот Проток. Грчкиот енергетски сектор, кој зависи во голема мера од увоз на сурова нафта, веќе работи на алтернативни извори на снабдување за да ги одржи производството и стабилноста на домашниот пазар.

– Грчките рафинерии, кои имаат капацитет да произведуваат повеќе од домашната побарувачка, веќе предупредуваат дека продолжената криза може да создаде сериозни логистички и ценовни предизвици, особено ако се нарушат глобалните синџири на снабдување – пишуваат грчите медиуми.

Во однос на Македонија, премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека земјата има стабилно и сигурно снабдување со горива и дека нема простор за загриженост кај граѓаните и кај стопанството. Според него, институциите ја следат состојбата на светските пазари и навремено реагираат на сите промени, со цел да се обезбеди континуитет во снабдувањето.

Дали ќе остане ваквата стабилна состојба и во наредниот период е под прашалник, со оглед на тоа што македонските бензински пумпи, во најголем процент, се снабдуваат од „Окта“, која ги добива горивата за задоволување на македонските потреби преку нафтоводот „Вардакс“ од рафинеријата на „Хеленик“ во Грција.

Токму поради овој факт, економските аналитичари предупредуваат дека и покрај стабилното снабдување, домашниот пазар не може целосно да биде изолиран од глобалните движења, па секој нов скок на цената на суровата нафта на светските берзи со задоцнување се прелева и во малопродажните цени во земјата.

Скок од 5 % на цената на природниот гас на европската берза 

Цената на природниот гас на европската берза денеска забележа нагло зголемување од над 5 % и се искачи кон 41 евро за мегават-час, додека во азиското тргување цените скокнаа дури за 11 % во услови на нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток и нарушено снабдување со течен природен гас (LNG).

Растот на цените доаѓа по серијата инциденти во Персискиот Залив, откако САД отворија оган и онеспособија товарен брод под иранско знаме, по што Техеран возврати со напади со беспилотни летала врз некои американски воени бродови и упати ново предупредување дека секој обид за минување низ стратешките поморски маршрути ќе биде цел на напади. Овие случувања дополнително ја влошија веќе кревката ситуација околу Хормускиот Проток, еден од најважните светски енергетски коридори.

Иран во меѓувреме повторно го затвори Хормускиот Проток. Пазарите реагираа остро на новата ескалација, при што европските фјучерси за гас најпрво забележаа силен раст во раното азиско тргување, а потоа го продолжија нагорниот тренд и на европските берзи. Според аналитичарите, пазарот ги поништил загубите од крајот на минатата недела и влегол во нов бран нестабилност, поттикнат од стравувањето  за прекин на снабдувањето.

Пазарните движења се дополнително под влијание и на политичката неизвесност, откако се појавија информации дека Иран нема да учествува во новата рунда мировни преговори и покрај најавите за можни дипломатски напори и предупредувањето од Вашингтон за можни нови воздушни напади.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons