Македонија

Нервозни граѓани цел ден чекаат пред пунктот за нови лични документи без закажување

Роковите кратки, колоните долги – десетици граѓани и вечерва чекаа ред за да влезат во единствениот пункт за промена на личните документи без закажување. Работата оди бавно, па оние што ги затекнавме во дворот на полициската станица Пролет велат дека стојат и по пет часа. На клупите во близина не може да седнат оти ќе им го земат редот. Сами се снаоѓаат и седнуваат на гајби. Се жалат дека организацијата е лоша и тврдат дека наместо 10 места за сликање, како што вети МВР, работат само две. Има и такви кои од странство си дошле дома само за да ги сменат документите.

Според бројките на МВР, до вчера, променети се над еден милион и сто илјади пасоши, над 900 илјади лични карти и половина милион возачки дозволи.

Министерот Спасовски се надева дека до крајот на следниот месец сите граѓани ќе ја завршат обврската која произлегува со Преспанскиот договор.

„Имајќи предвид дека само во пунктот имаме 40.000 граѓани, коишто дошле оставиле барања за лични документи, значи не за еден документ, туку за повеќе и другите пунктови низ Скопје апсорбираат. Така да сметам дека интензивната работа сега, до крајот на годината, целиот месец јануари итн. ќе се заврши целиот овој процес на најдобар можен начин “ – Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи

Во меѓувреме, налепниците со ознаката НМК кои ќе треба да се залепат врз регистарските таблички на возилата се уште не се во промет. Тие ќе се продаваат по симболична цена на станиците за технички преглед, но точната сума треба да биде утврдена следните денови. 

Крајниот рок за промена на личните документи е 12 февруари. Тие што нема да стигнат да променат се’, нема да бидат казнети, но документите нема да им бидат валидни во институциите, а нема да можат ниту да преминат граница.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons