Нема пушење во обложувалници, ниту додека чекате автобус – Ќе се казнува и за пушење во полициските станици
Предлог-законот за заштита од пушење не престанува да ја бранува јавноста. Едни се за, други против, а секојдневно се открива сѐ поширокиот дијапазон на локации на кои ќе биде забрането палењето цигара.
Според предложените одредби, пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи нема да биде дозволено во следниве простори:
– во сите здравствени установи, установи за социјална заштита, образовни, културни и спортски објекти
– пред влезови на здравствени и образовни институции
– во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти
– во државни институции и општински објекти
– во сите работни простори и возила што се користат за работа
– во јавен превоз од сите видови – автобуси, возови, авиони, бродови, жичници и ски-лифтови
– на автобуски, железнички и аеродромски станици, како и пристаништа
– на станици за градски и приградски превоз
– во приватни возила ако во нив има дете
– во продавници, трговски објекти, пазари и саеми
– во сите угостителски објекти – ресторани, барови, меани, кантини и објекти за сместување
– во заеднички простории на станбени згради (лифтови, ходници, котларници, светларници)
– во полициски станици, затвори и воспитно-поправни установи
– во објекти за игри на среќа
– во и пред објекти каде се организираат забавни и рекреативни активности за деца, вклучувајќи игротеки.
Новиот закон предвидува значително високи казни за непочитување. По категории:
– За правни лица: од 2.000 до 5.000 евра;
– За одговорни лица: до 2.000 евра;
– За физички лица: глоба на лице место од 100 евра;
Сепак, ќе биде можно и порамнување преку општокорисна работа или финансиски придонес за здравствени кампањи.



