АХВ за случајот со волк: Ќе се проверува дали е куче
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) категорично ги отфрли информациите пласирани во дел од медиумите дека институцијата потврдила оти животното заловено синоќа во скопската населба Козле е всушност домашен миленик – куче.
Во официјалното соопштение, АХВ реагира на пишувањата на неколку интернет портали и целосно ги демантира наводите дека дале каква било изјава поврзана со идентитетот на заловеното животно.
Од Агенцијата ги отфрлаат како неточни тврдењата дека се работи за чипирано куче кое сопственикот наводно го бара да му биде вратено, потенцирајќи дека сè уште официјално се претпоставува дека станува збор за волк.
За да се расчистат сите дилеми околу потеклото и видот на животното, АХВ најави итни чекори на терен:
-Официјални ветеринари од Агенцијата во текот на денешниот ден ќе спроведат вонреден инспекциски надзор во Скопската зоолошка градина, каде што животното беше транспортирано и згрижено синоќа. Главна цел на овој надзор е стручно и прецизно утврдување на точниот вид на заловеното животно.
– Паралелно со идентификацијата, ветеринарите ќе направат и целосна проценка на здравствената состојба на животното.



