Најмладиот стратег во Серија А: На клупата на Парма седнува 29-годишник!
Младиот шпански стратег Карлос Куеста е пред нова и досега најголема улога во својата тренерската кариера бидејќи би можел да седне на клупата на Парма.
Иако има само 29 години, Куеста има позадина која покажува дека може да биде одличен избор. Со студии по фудбалски менаџмент започнал уште на 18 години, а професионално искуство стекнувал во три големи европски клуба: Атлетико Мадрид, Јувентус и Арсенал.
Во Атлетико и Јувентус работел со младинските категории, додека последната функција му беше во Арсенал, каде што беше дел од стручниот штаб на Микел Артета.
Раководството на Парма стапило во контакт со Арсенал и добило зелено светло да го ангажира амбициозниот Шпанец, кој потекнува од Палма де Мајорка.
На клупата на Парма тој ќе го наследи Романецот Кристијан Киву, кој неодамна го презеде кормилото на Интер. Киву седна на клупата на „неразурите“ откако Симоне Инзаги и официјално ја прекина соработката со клубот и замина во Саудиска Арабија, каде што ќе го предводи Ал Хилал.