НАЈГОЛЕМИ НЕМИРИ ВО ТУРЦИЈА ОД 2013 ГОДИНА
Десетици илјади демонстранти учествуваа во демонстрациите низ Турција, откако главниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган беше уапсен и обвинет за корупција.
Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул, требаше да биде избран вчера за кандидат на Републиканската народна партија (ЦХП) на претседателските избори во 2028 година. Полицијата употреби солзавец, водени топови и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите.
Имамоглу рече дека обвиненијата против него се политички мотивирани.
„Никогаш нема да поднесам“, напиша тој на X пред да му биде одреден притвор. Ердоган ги осуди протестите и ја обвини ЦХП дека се обидува да „го наруши мирот и да ги поларизира луѓето“, пишува Би-Би-Си.
Нему му е одреден притвор до судење.
Во близина на градското собрание на Истанбул, народот се собра вчера петта вечер по ред. Тие вееја турски знамиња и скандираа пред бројни полицајци. Сопругата на Имамоглу, Дилек Каја Имамоглу, им се обрати на насобраните пред градското собрание, нагласувајќи дека на нејзиниот сопруг му била направена неправда.
Ова се најголемите протести во Турција од протестите на Гези во 2013 година, кои започнаа во Истанбул поради уривањето на локалниот парк. Севкупно, митинзите се одржаа во најмалку 55 од 81 провинција во Турција, според податоците на француската новинска агенција АФП.