Надлежните реагираат на можно опасно лизгање на земјиштето, неколку куќи во опасност!
Обилните врнежи од дожд што го зафатија западниот регион предизвикаа свлечиште во селото Шипковица, за што преку бројот за итни повици 112 била поднесена пријава. Свлечиштето се наоѓа во населено подрачје и претставува сериозна опасност за жителите, при што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен веќе постапуваат претставници од Центарот за управување со кризи, СВР Тетово и Градежниот инспекторат. На жителите им е препорачано да ги напуштат домовите поради ризик од појава на дополнителни активирања на земјиштето.
ЦУК информира и за одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања, каде што екипите на ЈП Македонија пат интервенираат навремено, па сообраќајот се одвива без застој.
На патот кон село Моштица, во Општина Македонска Каменица, екипите на ЈП Камена Река ги расчистиле одроните и сообраќајот таму се одвива нормално.



