Нагло поскапе гасот во Европа
Цените на природниот гас во Европа силно пораснаа на почетокот на годината, достигнувајќи го највисокото ниво за околу шест месеци поради студениот бран кој го зафати Стариот континент, а метеоролозите предупредија дека температурите би можеле повторно да паднат кон крајот на јануари.
На референтната холандска дигитална берза ТТФ, еден мегават-час гас за испорака во февруари попладне изнесуваше 36,63 евра и беше за 10,5 проценти поскап отколку на затворањето на тргувањето вчера.
Денес неговата цена достигна највисоко ниво од крајот на минатиот јули. Минатата недела тргувањето со гас заврши на ТТФ со цена од 29 евра за мегават-час, што значи дека само оваа недела, цената се зголеми за малку повеќе од 26 проценти, најсилно од есента 2023 година.
Поради студениот бран, европските складишта се само половина полни, а досега во ова време од годината тие се исполнети во просек од 67 проценти. Метеоролозите, од друга страна, најавуваат дека температурите повторно ќе паднат на крајот од месецот, па затоа залихите би можеле да паднат уште пониско.
На цените влијаеја и тензиите во Иран, важен снабдувач на гас за Турција. Стравовите на трговците од прекини во снабдувањето беа поттикнати од заканите од американската влада да воведе казнени тарифи од 25 проценти за трговските партнери на Иран.
Пазарните движења, исто така, одразуваат поголема побарувачка во Кина, најголемиот светски купувач на течен природен гас, забележува агенцијата ДПА.



