Молдавија: Дронови влегоа во нашиот воздушен простор, еден падна на покрив на куќа (ФОТО)
Шест дронови неовластено влегоа во молдавскиот воздушен простор утрово, објави Министерството за одбрана на земјата, наведувајќи дека инцидентот се случил по масовен напад врз соседна Украина. Еден од дроновите се движел кон границата со Романија, додека другиот паднал врз зграда во овоштарник во округот Флорешти.
„По масовниот напад врз Украина, во ноќта од понеделник кон вторник, системите за надзор на воздушниот простор на Националната армија открија, во утринските часови на 25 ноември 2025 година, шест дронови кои минуваа преку националниот воздушен простор неовластено“, соопшти Министерството за одбрана во официјално соопштение.

Според нив, првото летало било забележано во правец на Виноградовца-Вулканешти и се движело кон романската граница, во областа помеѓу Колибаши и Вадул луи Исак. Дронот летал на висина од околу 1.500 метри, а сите надлежни служби биле веднаш информирани за инцидентот.
Недолго потоа, системите за надзор регистрираа уште пет дронови како летаат над воздушниот простор над Дондушен, Орхеј, Бендер, Вадул луи Вода и Флорешти.
Едно од леталата се урна во селото Кухурешти де Хос во округот Флорешти. Молдавската полиција потврди дека дронот паднал на покрив на куќа во овоштарник.
„Тимот на техничко-експлозивниот оддел на полицијата се упати кон местото на настанот. Луѓето се евакуирани, а областа е изолирана од полицајци од Флорешти“, соопшти полицијата.
Властите апелираа до јавноста да го пријават секој сомнителен предмет што ќе го видат и да не допираат ништо што паднало на земја.
„Ги повикуваме граѓаните да го пријават секој неовластен предмет што ќе го видат и да не допираат ниту еден предмет што паднал на земја, туку да ги известат властите“, соопшти министерството.
Се шпекулира дека дронот што паднал врз куќата бил „мамка“ со цел да го олесни минувањето на вооружените дронови низ воздушната одбрана.



