Мицкоски: Цената на струјата не поскапе, работиме од јануари да поевтини
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од Венко Филипче дека нѐ очекува тешка есен на енергетски план и дека се очекува повисока цена на струја, изјави:
„Видете, претпоставувам дека тие ќе продолжат на ваков начин да водат политика. Вие се сеќавате, тие зборуваа дека ќе сме банкротирале 2024, па не банкротиравме. Потоа велеа ќе банкротираме 2025 сигурно, постигнавме историски најголем резултат и раст. Сега шират иста теза дека 2026 сигурно банкротираме, еве повторно имам лоша вест за нив, не само што нема да банкротираме, туку ќе гледаат сѐ повеќе вакви проекти како овој, како се реализираат. И така до крајот на оваа Влада, а потоа и после следните парламентарни избори, оваа Влада ќе победи и повторно ќе биде Влада. Исто така, ако се сеќавате зборуваа дека во март-април доаѓале мигранти. Од Велика Британија доаѓале мигранти, еве го, јули сме на средина, мигранти нема. Повторно ширеа хистерија, повторно се обидуваа на тој начин да водат политика. Неколку дена ги слушаме, како дилерот од Кочани му бил отворен прозорот, па тој избегал. Еве вчера е приведен, онаму е однесен каде што му е местото, во затвор. Исто како што оние беа пронајдени во Драч и исто така донесени овде. Ние ќе се соочиме со една небулозна ситуација од страна на опозицијата. Тие колку повеќе лажат, толку повеќе тонат. И тоа граѓаните ќе бидат сведоци и мора да се навикнеме на ваков тип на некреативна и незрела политика. Ние не смееме да се посветуваме на ваков тип на растурање пердуви. Ние си имаме цел и мора да се стремиме кон таа цел. А наша цел е како да го направиме подобар животот на граѓаните. И тука нема да имам јас никаква дилема, додека сум јас претседател на Владата. Така што тоа е нашиот приоритет и во насока на тој приоритет ќе се движат политиките на оваа Влада. А коментарите, доволен коментар е што, еве веќе трета година почнуваме од мандатот, цената на електричната енергија за граѓаните, не само што не е поскапена, туку се обидуваме да најдеме формула од јануари месец да поевтинивме. А во времето на Владата на СДСМ и ДУИ, таа порасна за една третина, цената, зборувам на електричната енергија. Тоа се мерливи и компаративни резултати и бројки. По тоа ние можеме да споредуваме, а не по политичка лажна реторика.“



