Мицкоски: Фантом фирми црпеле од буџетот, на тоа се става крај, за прв пат во октомври имаме суфицит во буџетот, притоа зголемени плати и пензии
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во Отвореното студио на тема Буџет 2025 на МТВ посочи дека веќе нема фантом фирми кои црпат пари од државната каса со фиктивни фактури за поврат на ДДВ, како и дека поради тоа во октомври за прв пат во Буџетот има суфицит со што се исплатени повисоки пензии, повисоки плати во образованието и здравството.
„Ние може после подолго време имавме суфицит во Буџетот и тоа беше во октомври од прилика милијарда и 125 милиона денари. И тоа претставуваше еден добар успех за Владата и тоа помогна во санирање на некои состојби прилично. Зборам од аспект на ликвидноста. Во делот на борбата со сивата економија, можам да кажам дека растот на приходите кој што доаѓаат изворно од работењето и на УЈП и на Царината се мери најчесто во двоцифрен број проценти, 12, 15 дури и повеќе од 20 проценти. Тоа значи дека нема веќе фантом фирми кои што побаруваат поврат на ДДВ“, вели Мицкоски и додаде:
„Шести месец откако сме Влада многу од фантом фирмите кои што често пати пота биле банкротирани, препродавани на луѓе кои што не постојат надвор од земјата предизвикувале таква дупка во Буџетот што на моменти се доведувала и ликвидноста под знак прашалник. Е сега тоа веќе го нема. Принципот „како до сега го нема“ и од тие причини се појави овој суфицит кој за нас многу значи, а замислете во исто време имаме зголемени пензии, во ноември веќе од аспект на ликвидноста и зголемени плати во секторот на образование на здравство и слично.“