Македонија

Мицкоски: Национален интерес е да изградиме држава која одговара на хибридните и информациските закани брзо и професионално

„Почитувани претставници на Институтот за комуникациски студии,

Почитуван амбасадоре на Обединетото Кралство,

Драги експерти, професори, претставници на институциите,

Почитувани гости,

Голема чест ми е денес да се обратам на оваа важна конференција посветена на една од најкритичните теми на нашето време – хибридните и информациските закани. Закани кои не ги гледаме, но ги чувствуваме, кои не експлодираат, но можат да разорат, кои се појавуваат без униформи, но имаат јасна цел, да ја нарушат довербата, да ја ослабат демократијата и да го поткопаат државниот систем.

Живееме во време во кое војната се води со збор, со манипулација, со монтирана вистина и со прецизно наметнато сомневање. Денес, дезинформациските кампањи не се само медиумски проблем, туку безбедносен предизвик со стратешки последици. Тоа е новото бојно поле на демократијата.

И затоа оваа конференција ја гледам не само како научна расправа, туку како вистински аларм и потреба за системско будење.

За краток период има напредок, но може повеќе.

Во подготовките за оваа конференција, институциите отворија важни прашања:

Имаме обуки, но недоволно.

Да, има знаење, но треба институционална меморија.

Да, има свесност, но нема доволно ресурси.

Реалноста е дека државата мора да гради одржлив систем, а не привремени одговори.

Нашиот национален интерес е јасен да изградиме држава која препознава, анализира и одговара на хибридните и информациските закани координирано, брзо и професионално.

Поминато е време кога со замена на еден директор исчезнува знаењето.

Ќе спроведеме задолжителни процедури, методологии, бази на податоци и стандарди за да нема повеќе „празнини“ во системот, за да нема зависност од поединци.

Планираме континуирани обуки за службениците во сите институции, специјализирани програми за МВР, МО, Националната платформа за безбедност, јавната администрација и локалната самоуправа, програми за медиумска писменост и дигитална безбедност за младите.

Ниту една држава не може да се брани без обучени луѓе.

Хибридните закани не се победуваат со молк, туку со заедничка акција.

Владата ќе отвори платформа за редовна соработка со:

– истражувачки центри,
– универзитети,
– медиумски здруженија,
– граѓански организации,
– и приватниот сектор.

Овој проблем е премногу голем за да го носи само една институција.

Македонија ќе гради систем, не импровизација.

Нашата визија е јасна.

Држава која ќе препознава рано. Институции кои ќе реагираат брзо. Службеници кои ќе постапуваат професионално. Граѓани кои ќе препознаваат манипулации. Општество кое нема да биде жртва, туку отпорно.

Ова не е работа за една прес-конференција или еден мандат. Ова е заедничка мисија за иднината на нашата демократија.

Почитувани присутни,

Хибридните и информациските закани не го напаѓаат само системот, ја напаѓаат довербата меѓу нас.

А кога ќе исчезне довербата, државата станува ранлива.

Нашата задача е јасна.

Да ја вратиме довербата, да изградиме силни институции и да создадеме систем што нема да падне при првиот силен удар на дезинформациска кампања.

Овој пат нема да дозволиме импровизации.

Овој пат градиме одговорна држава која стои цврсто и која гледа напред.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons