Мицкоски: Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна
„Почитувани гости,
Дами и господа,
Денес сме собрани за да го одбележиме Денот на албанската азбука.
Ден кој носи силна историска и културна симболика.
Ден поврзан со градот Битола и со еден од најзначајните моменти во модерната албанска историја – Конгресот во 1908 година.
Тогаш, во Битола, град што прераснат во центар на напредни идеи, движења и визии, албанската интелигенција го направи крупниот чекор кон создавање на една унифицирана азбука, темел на јазичната и културната кохезија на Албанците.
Тоа беше чин со длабоко европско значење.
Чин на модернизација, образование и отвореност.
Во период кога Балканот минуваше низ тешки предизвици, Битолскиот конгрес покажа дека силата на едно општество произлегува од знаењето, од јазикот и од вербата во иднината.
Драги сограѓани,
Овој ден е важен и за нашата држава.
Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна.
Албанската заедница со својата култура, јазик, традиции и вредности е суштински дел од нашата држава.
Денес, кога го одбележуваме Денот на албанската азбука, оддаваме признание на напорите на генерации кои се бореле за образование, писменост и културен развој, но и на сите кои денес го продолжуваат тој пат.
Нашата заедничка татковина се темели на идејата дека секој граѓанин има еднакво место, еднаква вредност и еднаква можност.
Токму затоа, Владата останува посветена на политики кои градат меѓуетничка доверба, создаваат простор за достоинствен развој на јазиците и културите и ја зајакнуваат кохезијата меѓу сите наши граѓани.
Имаме амбиција и сакаме да градиме општество во кое младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други ќе ја гледаат својата иднина овде – во силна и развиена татковина.
Општество во кое секој јазик е мост, а не граница.
Сила, а не поделба.
Богатство, а не предизвик.
Почитувани пријатели,
Во оваа насока, Владата активно работи на проекти кои создаваат подобар живот за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
Посветени сме на унапредување на инфраструктурата и можностите во секоја општина, на модернизација на училиштата, на поддршка на културните институции и на отворање нови можности за младите.
Во тек се програми за дигитализација на услугите, за економски развој на локалните заедници и за јакнење на институциите што се грижат за рамноправност и интеграција.
Нашата цел е секој граѓанин, во секој дел од државата, да го почувствува напредокот и да знае дека државата стои зад него. Ова не е само политичка обврска, туку морална должност кон идните генерации.
Дозволете ми, на крај, да упатам порака која е суштинска за нашата сегашност и за иднината што сакаме да ја градиме: успехот е наш заеднички проект.
Само ако сме обединети во почит, доверба и одговорност, ќе можеме да постигнеме резултати што ќе ја движат татковината напред.
Нека е честит Денот на албанската азбука.
Да продолжиме да ја градиме нашата заедничка татковина со почит кон различностите и со јасна визија за иднината.
Ви благодарам.“



