Митева: Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на државата заради зголемена појава на пожари, со времетраење од 30 дена
Сакам да ве информирам дека на денешната седница, Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на државата заради зголемена појава на пожари, со времетраење од 30 дена.
Оваа одлука е донесена врз основа на денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.
Што значи ова на терен? Се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, ЦУК, ДЗС, како и на другите ангажирани структури. Ќе се овозможи брза мобилизација, вклучување на сите човечки, технички и логистички, за справување со ситуацијата и заштита на населението.
Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја, со приоритет на безбедноста на населението.
Државата ќе биде таму каде што е најпотребно.
Им изразуваме длабока благодарност на сите пожарникари, припадници на Армијата, полицијата, волонтерите и граѓаните кои веќе денови пожртвувано се борат со огнената стихија. Нивната храброст и посветеност заслужуваат највисоко почитување.
Ги повикуваме граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани, со цел заеднички да ја надминеме оваа состојба.
Владата останува целосно ангажирана и ќе продолжи преку дневна координација да ги следи состојбите на терен и да реагира соодветно.