„Ми здодеа да попуштам“: Роза Паркс – шивачката која ја промени историјата на човековите права
Првиот ден од декември 1955 година ќе остане запаметен во историјата на борбата за човекови права поради потегот на афроамериканската шивачка Роза Паркс, која на своите сонародници им го промени животот, пишува „Она“.
Оваа Афроамериканка, родена на денешен ден во 1913 година, одби да му го отстапи своето место на „бел“ патник во автобус во Монтгомери, Алабама, поради што водачите на локалната црномуреста заедница организираа бојкот. Во наредната година ја плати цената за овој чин – остана без работа, но Врховниот суд на Соединетите Американски Држави (САД) оцени дека сегрегацијата во автобусите е неуставна.
Два света
Таа е родена како Роза Луиз Меколи, на 4 февруари 1913 година во Таскиги. Како 11-годишно девојче се преселила во Монтгомери, каде што се школувала. Бидејќи нејзините родители биле разведени, целата грижа околу баба ѝ и мајка ѝ паднала на нејзин грб. Со неполни 16 години се грижела за тешко болната баба, а потоа и за мајка ѝ.
Таа не се качувала во автобус како девојче. На Афроамериканците им било забрането да користат јавен превоз.
„Морав секој ден да го гледам автобусот како поминува. Но, тоа за мене беше начин на живот; немавме друг избор освен да прифатиме нешто што беше вообичаено. Автобусот беше една од првите работи преку кои сфатив дека постојат два света – светот на белците и светот на Афроамериканците“, говорела Паркс.
Таа имала само 19 години кога се омажила за десет години постариот Рејмонд Паркс, долгогодишен член на Националното здружение за унапредување на луѓето со различна боја на кожа. Нејзиниот сопруг ја охрабрувал да се стекне со диплома, што таа и го направила една година по венчавката.
Тие живееле во град во кој владеела сегрегацијата; Афроамериканците можеле да посетуваат полоши училишта, да пијат вода од одредени чешми и да позајмуваат книги само од таканаречените „црни“ библиотеки. Ова беа само дел од ограничувањата што мораа да ги почитуваат.
Паркс не се помирила со тоа. Затоа, во 1943 година одлучила да стане секретарка на Националното здружение за унапредување на луѓето со различна боја на кожа и започнала блиска соработка со претседателот на огранокот на оваа организација, Едгар Даниел Никсон.
Нејзиниот сопруг бил строго против нејзиниот ангажман, стравувајќи за нејзината безбедност. Од друга страна, Паркс со целото срце ги поддржувала напорите на Никсон за да се избори Афроамериканците да добијат право на глас.
Денот што промени сè
По долг работен ден во стоковна куќа, на 1 декември 1955 година, Паркс се враќала дома. Афроамериканците кои живееле во Монтгомери го избегнувале автобускиот превоз, бидејќи сегрегацијата ја сметале за понижувачка. Имено, предниот дел на автобусот бил резервиран за белците, а седиштата во задниот дел за Афроамериканците. Но, возачите на автобусите можеле да побараат од патниците во вториот дел да им го отстапат местото на белците доколку немало слободни места.
Во еден момент во автобусот влегол белец, а сите места предвидени за нив биле зафатени. Возачот им рекол на патниците што седеле во вториот дел да станат. Тројца Афроамериканци го послушале. Паркс пркосно останала да седи на своето место.
„Луѓето секогаш велат дека не се откажав од моето место затоа што бев уморна. Но, тоа не е вистина. Не бев физички уморна. Бев уморна од попуштање“, напиша Паркс во својата биографија.
Бидејќи возачот одбивал да тргне, двајца полицајци се качиле во автобусот и ја уапсиле Паркс.
Таа имала право на еден телефонски повик и го повикала својот сопруг. Но, веста за нејзиното апсење брзо се проширила, а Едгар Никсон бил присутен истата вечер кога Паркс била пуштена да се брани од слобода, откако претходно била платена кауција.
На денот на судењето, 5 декември, Афроамериканците кои живееле во Монтгомери го бојкотирале автобускиот превоз. Паркс била прогласена за виновна за кршење на сегрегациските закони и осудена на условна и парична казна. Во меѓувреме, учеството на Афроамериканците во бојкотот било многу поголемо од очекуваното – тие го бојкотирале јавниот превоз 381 ден.
Додека жалбите и тужбите минувале низ судовите и конечно стигнале до Врховниот суд на САД, за што пишувале и американските и меѓународните медиуми, речиси една година подоцна, на 13 ноември 1956 година, била донесена пресуда дека автобуската сегрегација е неуставна. Бојкотот завршил на 20 декември, ден откако писмениот налог од судот пристигнал во Монтгомери.
Роза Паркс, која во меѓувреме ја загубила работата и живеела во постојана страв, повеќе од една година, станала позната како „мајката на движењето за граѓански права“.
Испраќање со бели балони
Заедно со сопругот и мајка ѝ се преселила во Детроит, каде што живеел нејзиниот брат Силвестер. Работела како административна помошничка во канцеларијата на конгресменот Џон Конјерс Помладиот, каде што во 1988 година дочекала пензија. Година порано била една од коосновачите на Институтот за самовработување на Роза и Рејмонд Паркс, во чест на нејзиниот сопруг, кој починал од рак во 1977 година.
По заминувањето во пензија, патувала за да даде поддршка на настани и акции во областа на граѓанските права. Исто така, ја напишала својата автобиографија „Роза Паркс: мојата приказна“.
Починала во својот дом во Детроит на 24 октомври 2005 година, а година претходно ѝ била дијагностицирана деменција.
Ковчегот со нејзиното тело бил изложен во црква во Монтгомери, а вечерта бил пренесен во Вашингтон со автобус сличен на оној во кој Паркс одби да му го отстапи местото на белец.
Роза Паркс била испратена на своето последно патување од илјадници луѓе со бели балони во рацете, а списанието „Тајм“ ја вброи меѓу највлијателните личности на 20. век.