МЗ: Состојбата со епидемијата во Гостивар е стабилна – нема нови потврдени случаи на западнонилска треска
Министерството за здравство информира дека состојбата со епидемијата во Гостивар е стабилна и континуирано се следи од надлежните здравствени институции.
На 31 јули се регистрирани вкупно 60 први прегледи. Иако е забележано дневно зголемување, вкупниот тренд останува значително понизок во споредба со пикот од 18 јули, кога беа евидентирани 649 прегледи.
„Од 14 до 31 јули се регистрирани вкупно 4.543 први прегледи. Досега се примени 1.028 формални пријави за заразна болест и изработени се 730 нови епидемиолошки анкети, со опфат од 71 процент“, велат од Министерството за здравство.

Во однос на западнонилската треска, до Институтот за јавно здравје нема новопријавени лабораториски потврдени случаи. На Клиниката за инфективни болести се примени тројца пациенти кај кои постои сомнение за заболувањето и за кои се очекуваат резултатите од лабораториските испитувања.
Министерството за здравство, во координација со Институтот за јавно здравје и здравствените установи, продолжува со засилен епидемиолошки надзор и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија.
Граѓаните треба да внимаваат додека се на одмор во странство и да се информираат за западнонилската треска. Сепак, имаше и заразени кои не патувале надвор од државата.



