Мајка тепала тригодишно дете на улица во Тетово, го оставила и заминала кога се собрале луѓе да го одбранат
Вознемирувачка сцена се случувала вчера среде улица во Тетово. Мајка го тепала своето тригодишно дете, а кога се собрале луѓе и почнале да ѝ реагираат таа го оставила детето и заминала со количка во која имала друго дете, соопштија од тетовската полиција.
„На 09.06.2026 во 17:00 часот во СВР Тетово е пријавено дека околу 14:15 часот на улица „Маршал Тито“ во Тетово, жена го тепала своето дете, на возраст од околу три-четири години. Според пријавеното, откако случајни минувачи реагирале и застанале да го заштитат детето, мајката го оставила детето на улицата и заминала со количка во која имало друго малолетно дете“ соопшти СВР Тетово.
Известен е јавен обвинител и Центарот за социјални работи Тетово и се преземаат мерки за пронаоѓање и утврдување на идентитетот на сторителката и расчистување на случајот, додека детето по укажување на лекарска помош е предадено на Центарот за социјални работи Тетово.



