Манасиевски: Третиот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е правна држава и институционална зрелост
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Развојот на државата е невозможен без силни и доверливи институции. Затоа, „Стратегија Македонија 2030“ поставува јасна обврска, а тоа е систем изграден од правила, стандарди и професионализам.
Денес го презентираме третиот стожер – Правна држава и институционална зрелост. Нашиот план се заснова на три основи, а тие се независност, професионалност и транспарентност.
Првиот чекор и те како итно потребен, а тоа е независно судство. Судиите и обвинителите мора да напредуваат според компетентност, интегритет и резултати, а не според партиска припадност. Во овој дел дигитализацијата ќе ја зголеми транспарентноста и ќе ја намали можноста за евентуални злоупотреби.
Вториот чекор е администрација која ќе служи на граѓаните, а не командува. Јавната служба мора да биде според мерит-систем, а тоа значи професионална и ориентирана кон граѓанинот. И во овој дел, дигиталните процеси ја намалуваат корупцијата и ја зголемуваат ефикасноста.
Третиот чекор е реална борба против корупцијата. Не со прес-конференции, туку со систем. Дигитализирани јавни набавки, автоматски проверки, алгоритамски аларми и професионални структури независни од политиката.
Четврт и последен чекор од овој трет стожер е полиција со кредибилитет. Полиција која мора да штити, а не да владее. Таа мора да биде видлива, одговорна и доверлива.
Почитувани граѓани,
Правната држава не е формалност, таа е темел на економијата, демократијата и стабилноста. Системот мора да биде посилен од било кој поединец.
Линк од видео материјал:
https://www.youtube.com/watch?v=9ASqsmXhjlU
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ



