Македонските експерти вратија 20 украдени икони во земјава, во тек е постапка за враќање на нови 36
Професионалноста, стручноста, умешноста и синхронизираноста меѓу политичката, културната и црковната дипломатија овозможија прв пат во историјата една држава на друга да и врати бесправно одземено културно наследство. Враќањето на 20-те украдени икони од цркви во западниот дел на земјава, пред 10 години запленети во Албанија, покажа дека и најделикатните прашања се решливи со меѓусебен дијалог и соработка.
Проф. д-р Сашо Цветковски, историчар на уметност, член на МАНУ и одличен познавач на културното наследство во црквите во западна Македонија, кој беше дел од тимот што работеше на реституција на културното наследство, вели дека процесот воопшто не бил лесен. Во разговор за МИА, тој открива дека најголема придобивка имале од истражувањата направени изминатите 20 години и воспоставениот систем на познавање.