МАКЕДОНЕЦОТ УШТЕ НЕ МОЖЕ ДА СИ ДОЗВОЛИ НОВА КОЛА – лани се увезени близу 32 илјади половни автомобили, нови само 5.307
Граѓаните од земјава лани се опуштиле и решиле да се подноват со автомобили, но сепак, многу помалку со нови, а многу повеќе со употребувани возила.
Па така, иако податоците на Царинската управа се уште не се финализирани за цела 2021 година, односно презентирани се само бројките заклучно со ноември минатата година, од нив недвосмислено може да се види дека лани во земјава биле увезени многу повеќе користени возила, наспроти пандемиската 2020 година.
Односно, како што се гледа од статистиките на Царината, за 11 месеци од минатата година биле увезени во земјава 31.433 користени убавици на четири тркала, наспроти 23.880 употребувани возила колку што влегле во земјава за вкупно 12 месеци од 2020 година. Тоа значи дека граѓаните од Македонија лани купиле и за над 7.553 автомобили повеќе во однос на претходната година.
Ова е кога станува збор за употребуваните возила, но кога се работи за новите автомобили, кај нив нема некоја голема разлика, иако е евидентно дека ќе има зголемување кога ќе бидат објавени финалните бројки за лани.
Односно, во 2021 година за 11 месеци биле увезени 5.307 нови автомобили, наспроти 5.172 возила за 12 месеци од 2020 година. Тоа покажува дека Македонците не се „затрчале“ за купување нови автомобили во минатата година, како што тоа го направиле за употребуваните.
Ако се гледа по месеци лани за тоа кога најмалку, а кога најмногу се купувале употребувани возила, јануаруи дефинитивно бил најслаб, со увезени 1.660 стари автомобил, а пикот бил во јуни, кога се увезле близу 4.000 употребувани возила, или прецизно 3.974. Секако, 2019 година која беше предпандемиска, е година во која увозот на половни автомобили изнесувал 38.580 стари коли, што значи дека пандемијата овој тренд го сопрела, но затоа тој се враќа со значајно темпо лани. Или, Македонците се уште тешко можат да си дозволат да си купат нов автомобил.