Лекарите специјализанти оставени без надомест за дежурствата и здравствено осигурување
Лекарите специјализанти бараат премиерот Ковачевски да се вклучи во надминување на проблемот со исплата на нивните дежурства и здравствено осигурување, што како што велат, е запрено од страна на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) од февруари годинава.
Во нивната реакција меѓу другото се вели:
„Во време каде ширум нашата држава се затвараат цели одделенија низ здравствените установи, како последица на отсуство на медицински кадар, сметаме дека овие средства (кои се веќе помали од просечната плата во РСМ) е повеќе од оправдана причина да бидат исплатени во целост на нашите колеги.
Укинувањето на оваа мерка во пракса значи бркање на младиот лекар од државата како и негативен стимул, за студентите на медицина да ја продолжат својата едукација во рамки на државата.
Апелираме до Премиерот и до сите надлежни институции да изнајдат решение за овој проблем кој потекнува од самоволието на поединци во ФЗОРСМ кои не ги согледуваат последиците од ваквата одлука, ставајќи ги личните интереси пред здравјето на граѓаните“, се наведува во реакцијата од Здружението на лекари специјализанти.