Лазаров: Португалија не е на нивото на Данска, а ние не смееме да играме „македонски“ ракомет
Ракометната репрезентација на Македонија има ден одмор по првиот натпревар на Европското првенство против Данска, а во пресрет на дуелот со Португалија.
На брифингот во Хернинг селекторот Кирил Лазаров направи анализа на одграното, го најави она што следува и зборуваше за тоа како Македонија треба да игра.
„Ноќите за тренерите на големите натпреварувања се непреспиени. Мораме да сработиме и тоа што било, и тоа што ќе биде. Дали можеше подобро или полошо не се прашуваме само ние. Се прашува Данска и така е против секоја репрезентација. Тие се спремаат да бидат шампиони и можеш да ги изненадиш 5-10 минути. Ова е едно големо искуство за сите нас и треба побрзо да го заборавиме овој натпревар.
Португалија е одлична селекција и тука дојде да се бори за медал. Сепак, не е на нивото на Данска. Мораме да бидеме позитивни и реални и да се обидеме да одиграме подобро од вчера. Сите посакуваме изненадување, но мора да стоиме цврсто на земја и да бидеме компетитивни. Португалија е фаворит, цела ноќ се занимавам со нив, како и минатите шест месеци. Нивните апетити пораснаа, мислат дека можат дури и до медал. Ќе се обидеме да им го пореметиме планот. Треба да се водиме и да учиме и до Данска и од Португалија. Не смееме да играме „македонски“, како што се игра во нашата лига. Мораме кондициски да бидеме поблиску до нив. Нивото во репрезентацијата и во клубовите мора да биде уште повисоко. Моето чувство за утре е оптимистичко, но мора да бидеме реални. Мечот на Португалија со Романија нема да ни е мерило. Ние го подигнавме нивото од последните натпреварите со Португалија и сигурен сум дека сме подобри од двата квалификациски дуели во 2024 година. Ракометно не се плашам од нив, единствено стравувам од „нашите глави“.
Данците функционираат поинаку во одбрана и не е случајно што нашите крила немаа шутеви кон гол. Имаме проблеми во напад и 15-20 пати влегуваме во пасивна игра и тоа е последица на играта во нашата лига. Бевме предупредени пред првенството на тоа, еве и сега зборуваме за тоа. Тоа се навики кои тешко се искоренуваат, Нашите најдобри клубови во домашната лига често играат така. Се обидуваме со тренажен процес, но не е така лесно на натпревар да се импементира. Ако утре Португалија го принуди нашиот напад на 7-8 пасивни напади, тогаш веќе имаме голем проблем, Разговарам со нашите бекови, мора да бидат физички максимално спремни за да се натпреваруваме со нив“, изјави Лазаров.
Натпреварот од второто коло во „Јуске Банке Боксен“ во Хернинг меѓу Македонија и Португалија се игра в недела во терминот од 18:00 часот.



