Куртоа со критики за нападот на Реал Мадрид од 500 милиони: Оваа сезона немаме голгетер како Хоселу
Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа вели дека оваа сезона им фали класичен голгетер како Хоселу, смета дека не може да се очекува напаѓачите од типот на Мбапе, Винисиус и Родриго на секој натпревар да дриблаат по тројца противници.
„Кралевите“ синоќа се надеваа на нова магична ноќ во Лигата на шампиони и нов пресврт за паметење, но избраниците на Карло Анчелоти одиграа под очекувањата, па Арсенал со 1-2 славеше на „Бернабеу“ и го потврди пласманот во полуфинале.
„Кога ќе свирнат пенал против вас и ќе го одбраните, ви се зголемува мотивацијата и вербата. На почетокот креиравме шанси, навивачите не туркаа напред, но Арсенал е тим кој одлично се брани, добро организирано, дури и напаѓачите и крилата се враќаат да помогнат во одбрана“ – вели Тибо Куртоа во разговор со Мувистар.
„На полувреме, чувствувавме дека ако први постигнеме гол, натпреварот ќе се отвори. Сепак, тие беа кои први постигнаа гол. Да, одговоривме брзо, но не бевме опасни во нападот, мислам дека Реја немаше ниту една голема одбрана“.
„Упативме многу нафрлени топки но оваа сезона го немаме Хоселу, немаме класичен голгетер“.
Искусниот Шпанец минатата сезона со два доцни гола помогна Реал Мадрид да направи голем пресврт против Баерн Минхен и беше важен џокер на патот кон титулата во Лигата на шампиони и Ла Лига.
Сепак, тој не остана во Мадрид откако стана јасно дека Килијан Мбапе ќе стане нов „галактико“.
Ова не беше единствената замерка на Тибо Куртоа за нападот на Реал Мадрид од 500 милиони евра (толку вредат Мбапе, Винисиус, Родриго и Ендрик според Трансфермаркт), голманот во поттрибинскиот простор излезе со нов зајадлив коментар.
„Не можеме да очекуваме дека на секој натпревар четворицата во нападот ќе дриблаат по тројца противници и ќе постигнуваат спектакуларни голови. Мораме како тим да напаѓаме подобро, но и подобро да се браниме како тим“.