Кузмановски во последна секунда ѝ донесе реми на Македонија на тестот со Австрија
Македонската ракометна репрезентација одигра нерешено 30-30 против Австрија на гостувањето во Брегенц, во единствениот контролен натпревар пред баражот за пласман на Светското првенство.
Селекторот Кирил Лазаров го искористи дуелот за експерименти и проверка на нови решенија, при што настапивме без неколку стандардни имиња како Жарко Пешевски, Никола Митревски, Игор Ѓорѓиев и Мартин Серафимов.
Резултатот беше израмнет во текот на целото прво полувреме кое заврши 15-15, а слична слика се виде и по паузата. Македонија во еден период имаше и +4, но домаќинот се врати и во финишот дури беше поблиску до победата.
Сепак, капитенот Филип Кузмановски со гол од пенал во последните секунди донесе реми, а натпреварот го заврши како најефикасен со десет погодоци.



