Актуелно

Кривична за обезбедувањето на Гаши: го извадил пиштолот, го репетирал, се дерел, туркал за Вјоса Османи 


„Кривична пријава и отстранување од работното место за полицискиот службеник кој предизвика инцидент на Меѓународниот Аеродром Скопје“, објави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против С. С., началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело “Загрозување на сигурноста“ по член 144 од КЗ и кривично дело “Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 од КЗ.

Пријавениот С.С. на ден 01.08.2024г. околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија.

Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.
Потоа, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработените на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.

ОВККИПС согласно своите надлежности и овластувања ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник С.С. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а против полициските службвеници С.Р. и Н.Б. ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата.

Како министер, секогаш цврсто ќе се залагам за еднакво применување на законот за сите. Секој мора да го почитува законот, а особено полициските службеници мора да бидат пример за почитување на законите и професионалните стандарди, бидејќи нивната одговорност е клучна за одржување на довербата на јавноста во институциите“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons