Кралот Чарлс му ја одзема титулата принц на Ендру и го исфрла од палатата
Британскиот крал Чарлс го почна процесот на одземање на титулите на Ендру, меѓу кои и таа на принц, и му нареди да се исели од својата кралска резиденција, Ројал лоџ. Драстичниот потег на Бакингемската палата, објавен денеска, следува откако принцот Ендру не успеа да го смири скандалот околу неговата поврзаност со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, објави Си-ен-ен.
Обвиненијата против Ендру дојдоа во фокусот на јавноста со објавувањето на постхумните мемоари од жената што го обвини, Вирџинија Џуфре, насловени „Ничија девојка“. Џуфре, за која принцот тврди дека никогаш не ја запознал, тврди во книгата дека Ендру сексуално ја злоставувал кога била тинејџерка. Принцот Ендру постојано ги негира сите обвинувања.
Денеска Бакингемската палата го презеде својот најсуров чекор досега, објавувајќи официјална изјава: „Неговото Височество денес покрена формална постапка за лишување на принцот Ендру од неговите титули и почести“.
„Принцот Ендру сега ќе биде познат како Ендру Маунтбатен Виндзор. Неговиот закуп на Ројал лоџ, досега, му обезбедуваше правна заштита за да го продолжи својот престој. Сега е доставено формално известување за откажување на закупот и тој ќе се пресели во друг приватен сместувачки капацитет“, продолжува соопштението. „Овие осуди се сметаат за неопходни, и покрај фактот дека тој продолжува да ги негира обвинувањата против него“. Неговите ќерки Евгенија и Беатрис ги задржуваат титулите принцези, пишува Би-би-си.
„Нивните височества сакаат јасно да стават до знаење дека нивните мисли и најдлабоки симпатии биле и ќе останат со жртвите и преживеаните од сите форми на злоупотреба“, се заклучува во соопштението.
Ендру се обиде да ја смири ситуацијата претходно овој месец со откажување од користењето на своите титули, но тоа не ги спречи негативните наслови. Дури, се отворија нови прашања за тоа како успеал да ја плати наводната мултимилионска спогодба за граѓанска тужба на Вирџинија Џуфре во 2022 година и да го финансира својот животен стил и покрај тоа што не е активен член на кралското семејство од 2019 година.
Јавниот гнев беше дополнително поттикнат од минатонеделното откритие дека во 2003 година платил 1 милион долари за Ројал лоџ, сместен во срцето на Големиот парк Виндзор, и оттогаш, според договорот за закуп, платил само симболична кирија „доколку се побара“.


 
							 
							 
							
