Колку жители, толку платежни картички – заминува ли кешот во историја?
Заклучно со крајот на 2025 година во земјава биле издадени над два милиони платежни картички, од кои 1,7 милион се дебитни, а остатокот кредитни
За секој жител по една картичка. Вака изгледа платежната структура во земјава според минатогодишниот извештај на Народна банка на Македонија. Од сите издадени картички скоро 1,7 милион се дебитни, а останатите се кредитни. Експертите велат дека полека но сигурно се менуваат финансиските навики на граѓаните во земјава, кои покажуваат дека сме во нова фаза на дигитална зрелост. Според истите податоци граѓаните лани имале речиси еден милион сметки што активно ги користат за онлајн плаќања. Уште поинтересен е растот на мобилните плаќања. Во 2025 година, над 290 илјади картички се поврзани со мобилни уреди, паметни телефони и часовници. Овој сегмент расте најбрзо и покажува каде се движи пазарот.
Експертите велат дека ова не е само статистика. Ова е сигнал за структурна промена во начинот на кој граѓаните управуваат со своите пари, плаќаат, штедат и комуницираат со банките.
-Заклучно со крајот на 2025 година, во оптек има над два милиони платежни картички. Оваа бројка не е важна само како апсолутен износ, таа го симболизира масовното навлегување на безготовинските инструменти во секојдневниот живот. Ако се земе предвид дека државата има околу два милиони жители, тоа значи дека просечно секој граѓанин поседува најмалку една картичка, а значителен дел имаат и повеќе. Дури над 1.7 милиони од картичките се дебитни, што јасно покажува дека македонските граѓани сè уште претпочитаат да трошат сопствени средства наместо да користат кредит. Кредитните картички, иако присутни, остануваат во втор план со околу 260 илјади издадени примероци – може да се заклучи од извештаите.
Според табеларните прикази, лесно може да се заклучи дека оваа структура на платежниот систем укажува на релативно конзервативно финансиско однесување, граѓаните избегнуваат задолжување и се потпираат на тековните приходи.
Во табеларниот приказ најинтересен е растот на мобилните плаќања. Во 2025 година, над 290 илјади картички се поврзани со мобилни уреди. Зад овој тренд стојат глобалните платформи како „Виза“ и „Мастеркард“, кои доминираат на македонскиот пазар. Нивната инфраструктура овозможува интеграција со мобилни апликации, дигитални паричници и нови начини на плаќање.
Експлозија на интернет-банкарството
Паралелно со растот на картичките, се случува и вистинска експанзија на дигиталното банкарство. Во 2025 година околу 937.000 сметки имаат можност за плаќања преку интернет или мобилен телефон. Овие бројки се драматично повисоки во однос на 2020 година, кога дигиталното банкарство беше значително помалку застапено. Особено е важен податокот дека речиси 370 илјади сметки активно се користат за плаќања, што значи дека граѓаните не само што имаат пристап, туку и реално ги користат дигиталните услуги.
Експертите велат дека оваа промена е резултат на неколку фактори како зголемена понуда на мобилни апликации од банките, подобрено корисничко искуство и растечка доверба во дигиталните трансакции.
Овие трендови имаат пошироки импликации од банкарскиот сектор. Прво, зголемената употреба на картички и дигитални плаќања придонесува за намалување на сивата економија. Секое електронско плаќање остава трага, што ја зголемува транспарентноста. Второ, се намалуваат трошоците за ракување со готовина и за банките и за бизнисите.
Блокирани се над 185.000 картички
Бројот на блокирани платежни сметки останува релативно висок – над 185 илјади. Ова укажува на финансиски притисоци кај дел од населението. Дополнително, иако бројот на дигитални сметки расте, голем дел од картичките не се користат. Тоа значи дека има простор за подобрување на финансиската писменост и довербата.



