Кога дефинитивно ќе се симнат маските – какви пост ковид последици предизвикува актуелниот сој на корона вирусот
Маските ќе паднат најверојатно на владината седница во вторник. Министрите треба да ги прифатат препораките на Комисијата за заразни болести оваа мерка повеќе да не биде задолжителна во затворен простор, освен во аптека, болници, јавен превоз и старски домови каде мора да се носат маски. Нема да има и изолација за контакти откако предлогот ќе добие зелено светло од Владата. Советодавноито тело на Беким Сали ги олабавува рестрикциите поради стабилната епидемиолошка состојба во државата. Намален е бројот на новодијагностицирани и смртни случаи а мал број пациенти се хоспитализирани во инфективните одделенија. Но она што доминира во здравствените установи се пост ковид компликациите каде граѓани и по неколку месеци од прележување на вирусот се жалат на опаѓање на косата, замор, тешко дишење, зуење во ушите и варирање на крвниот притисок.
-Од пациентите што ние ги следиме кај нас, оние што имале хипертензија со заразата имаат потешка клиничка слика, но не би можел да кажам дали и после ковидот имаат одредени компликации, дали со вирусот се активирало или не, вели проф. Др. Дејан Докиќ, директор на Клиника за Пулмологија.
На Пулмологија во моментот имаат десетина пациенти кои од ковид одделенијата завршиле на клиниката поради тешкотии со дишењето или ниска сатурација.
-Десетина имаме, се надеваме дека со нашиот третман ќе успееме да ја подобриме нивната состојба, или пак да продолжат во Центарот во Козле за рехабилитација, изјави Докиќ.
Инаку во земјата доминира стелт варијантата на омикрон чии најчести симптоми се вртоглавица, кивање, суво грло, болки во мускулите. Кај пациенти кои иако имаат лесна клиничка слика, доколку се над 50 годишна возраст лекари ги советуваат да внимаваат на крвниот притисок барем еден месец по инфекцијата.