Клубовите официјално побараа смена на Перо Антиќ – борбата е дали ќе се гласа за тоа!
Еден од членовите на Собранието на КФМ уште на почетокот на денешниот собир побара официјална промена на дневниот ред со дополнителна точка за гласање за недоверба на актуелниот претседател, Перо Антиќ.
Самиот почеток на собирот на клубовите покажа дека опозицијата има мнозинство, поради што не ги прифати предложените комисии од страна на актуелното раководство, туку избраа нови покажувајќи огромна разлика во гласовите. Поради сето ова, претставникот на МКК Вардар побара разрешување не само на претседателот туку и на Управниот одбор и на Надзорниот одбор на Куќата на кошарката.
„Спорен е легимитетот на Перо Антиќ по неговиот реизбор лани во март, бидејќи тоа била приватна забава со оглед што на Собранието учествувале вработени во КФМ, негови роднини, па дури и неговиот татко“, вели претставникот на МКК Вардар.
На Собранието, претставничката на Борец Баскет побара да се додаде и точка Избор на нов претседател. Сега главната борба е дали оваа точка ќе биде влезена во дневниот ред и дали воопшто ќе се гласа за смена на Антиќ.