Свет

Кардиналите денеска се вселуваат во Ватикан пред почетокот на конклавата

Кардиналите денеска почнуваат да се вселуваат во своите одаи во Ватикан пред почетокот на конклавата и изборот на нов папа по смртта на папата Франциско на 21 април.

Повеќе од две недели по смртта на Франциско, 133 кардинали ќе се соберат утре во Сикстинската капела на конклава што може да трае со часови, денови или дури месеци.

Кардиналите традиционално престојуваат во пансионот Санта Марта во Ватикан, кој има приватни бањи и услуга во хотелски стил, но нема доволно соби за сите.

Со кардинали од 70 земји од пет континенти, оваа конклава е најголемата организирана досега. Некои кардинали ќе бидат сместени во Санта Марта Векија, блиската зграда што обично се користи за сместување на официјалните лица на Ватикан.

Тие од денеска до утре наутро пред мисата во пресрет на конклавата ќе можат да влезат во собите, кои ќе бидат доделени со ждрепка.

Кардиналите се заколнаа на тајност, под казна на екскомуникација доколку откријат што се случувало на конклавата.

Ним им е забрането да комуницираат со надворешниот свет додека не изберат нов папа.

Ватикан вчера објави дека ќе ги прекине телефонските сигнали за време на конклавата внатре во зградите, но не и на плоштадот Свети Петар.

Кардиналите, кои ќе треба да ги остават мобилните телефони на почетокот на конклавата, ќе го информираат светот за својата работа така што ќе запалат гласачки ливчиња за да испуштат чад, црн ако нема одлука, бел ако се избере нов папа.

Заклетва на тајност положија и лекарите, возачите, готвачите и чистачите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons