Свет

Канцеларот Мерц бара Нетанјаху итно да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа 

Германскиот канцелар Фридрих Мерц го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху итно да обезбеди хуманитарна помош за гладното цивилно население во Појасот Газа, соопшти денеска неговиот кабинет.

„Оваа помош мора брзо, безбедно и во потребните количини да стигне до цивилното население“, се вели во соопштението од кабинетот на германскиот канцелар, додека Светската програма за храна предупреди на нагло зголемување на неухранетоста, особено кај жените и децата, на палестинската територија окупирана од Израел.

Во телефонскиот разговор со Нетанјаху, Мерц изрази длабока загриженост за катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа, се додава во соопштението.

„Мерките објавени од израелската влада сега мора брзо да бидат проследени со нови големи мерки“, рече германскиот канцелар.

Израелската војска денес објави дека воведува дневна „тактичка пауза“ во борбите во неколку области на Појасот Газа за да се обезбедат хуманитарни коридори за конвои на ОН и невладини организации наменети за палестинската територија.

Германската влада „внимателно ќе го следи развојот на настаните“ и ќе се консултира со Франција и Велика Британија и други партнери, како што се САД и арапските земји, за понатамошни чекори. Во наредните денови ќе одлучат за преземање натамошни чекори кои би придонеле за подобрување на состојбата.

Како што беше објавено понатаму, Мерц во истиот разговор нагласил дека за германската влада борбите во Газа, без никакво сомневање, биле предизвикани од „страшниот и нечовечки терор на Хамас од 7 октомври 2023 година“.

Германската влада, исто така, го повтори својот став дека признавањето на палестинска држава е „во овој момент“ прерано. „Германската влада продолжува да го смета признавањето како еден од последните чекори во процесот што би довел до решение засновано на принципот на две држави“, се вели во соопштението.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons