Казни до 500 евра за оние кои сакаат да слават со петарди и огномети
Во пресрет на вечершаниот дочек на Новата година, апел за неупотреба на пиротехника.
Освен здравствениот ризик, може да се соочите и со парични, па дури и казни затвор.
– Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането, а празничното пукање со петарди може да биде исклучително опасно по животот и здравјето, оставајќи екстремно тешки последици кои можат да го запечатат животот на младиот човек. Петардите се опасни и штетни, порачаа од МВР уште на почетокот на месецов, а во меѓувреме постојано се реализираше кампањата за едукација и превенција.
HЗаконот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба за оној кој неовластено употребува пиротехнички средства. Казната е во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:
(1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;
(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.
Сите нарушувања на јавниот ред и мир граѓаните може да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112.



