ИЈЗ воведе нови лабораториски анализи, пациентите побрзо ќе ги добиваат резултатите
Институтот за јавно здравје воведе нови лабораториски анализи и стави во функција современа опрема, со што се прошируваат дијагностичките можности и се овозможува побрза обработка на примероците и издавање резултати за пациентите.
Директорката на ИЈЗ, д-р Марија Андоновска, во интервју за МИА посочува дека се акредитирани повеќе од 25 нови лабораториски методи, особено во областа на вирусологијата и молекуларната дијагностика. Меѓу нив се анализи за сексуално преносливи инфекции, ХПВ, хепатитис Е, парвовирус Б19 и вируси кои предизвикуваат дијареа.
Проширени се и анализите за контрола на хемиската безбедност на храната и водата, вклучително и детекција на пестициди, жива, цијаниди и други штетни материи. Дополнително, се унапредуваат капацитетите за следење на радиоактивноста во животната средина.
Во функција е ставена и претходно неискористена лабораториска опрема, меѓу која автоматски имуноанализатори, центрифуги, термостати и кабинет за биобезбедна работа. Приемното одделение за микробиолошки анализи работи во две смени, од 7.30 до 20 часот, со цел да се намалат гужвите и да се олесни пристапот до услугите.
Андоновска информира дека од почетокот на август до крајот на септември биле регистрирани 20 случаи на ковид-19 од 770 тестирања. Во текот на 2026 година се евидентирани вкупно 62 заболени и два смртни случаи, наспроти 307 заболени во истиот период минатата година. Таа апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од респираторни инфекции, особено во пресрет на сезоната на грип и настинки.
Меѓу новите услуги на Институтот е и психолошкото советувалиште за деца и адолесценти, каде што работат двајца психолози. Помош најчесто се бара за семејни проблеми, врсничко насилство, употреба на психоактивни супстанции и други емоционални и психолошки тешкотии. До услугите се пристапува преку матичен лекар и системот „Мој Термин“.
Во тек е и дигитализација на услугите, при што лабораториските резултати се достапни електронски преку апликацијата „Мое здравје“.
Институтот најавува дека и во 2027 година ќе продолжи со инвестиции во инфраструктурата, опремата и стручниот кадар, со цел подобрување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги.



