Италијански град воведува данок на кучиња, ќе плаќаат и туристите
Италијанскиот град Болцано воведува данок за сопствениците на кучиња, а новата мерка ќе ги опфати и туристите што го посетуваат градот со своите миленици. На милениците кои патуваат веќе требаат пасоши, но сега во Болцано мора да платат и туристички данок, пишува Си-ен-ен.
Почнувајќи од 2026 година сопствениците на кучиња што го посетуваат овој град во северна Италија, познат како порта кон Доломитите, ќе плаќаат дневен данок од 1,50 евра. Мерката е дел од поширока и контроверзна акција против кучињата и нема да ги одмине ниту локалните жители. Тие ќе бидат обврзани да плаќаат годишен данок од 100 евра по куче.
Според градските власти, целта на иницијативата е да ги покрие трошоците за чистење на улиците и да финансира нови паркови исклучиво за кучиња и нивните сопственици. Сепак, останува нејасно дали ќе се остварат гласините за забрана на кучиња од редовните градски паркови.
Воведувањето на данокот следува по уште една контроверзна мерка – барање од сопствениците да ја регистрираат ДНК-та на своите кучиња за да може несобраниот измет да се поврзе со сопственикот и да се казнат. Сопствениците кои не чистат по своите миленици моментално се соочуваат со казни до 600 евра.
Провинцискиот советник Луис Валчер, кој ја воведе мерката, објасни дека оние кои веќе регистрирале ДНК на своите кучиња ќе бидат ослободени од плаќање на новиот данок две години. „Ова е фер мерка бидејќи се однесува само на сопствениците на кучиња“, кажа Валчер. „Инаку, чистењето на тротоарите би било одговорност на целата заедница и мора да се каже дека единствената нечистотија на нашите градски улици е кучешкиот измет“.
Сепак, не се согласуваат сите со новите правила. Карла Роки од ЕНПА, националната агенција за заштита на животните, верува дека оваа мерка му штети на регионот. „Провинцијата Болцано постигнува автогол со данок на кучиња, па дури и на четириножните туристи“, кажа таа во соопштението.
„По убедливиот и скап неуспех на апсурдниот проект за ДНК на кучиња, наместо да се фокусираме на граѓанско образование, целни проверки и свеста на граѓаните, повторно го избираме лесниот излез: оданочување на животните и нивните сопственици“, додаде таа.
Роки истакна дека мерката не само што ги казнува семејствата и туристите кои патуваат со своите кучиња, туку испраќа и длабоко погрешна порака: претворање на животните во даночни обврзници.
„Парадоксално е што во област која живее од туризам и угостителство, ги таргетираме оние кои избираат почитувачки и инклузивен одмор, носејќи го својот четириножен придружник“, заклучи таа, предупредувајќи дека ваквите потези би можеле да го обесхрабрат одговорното патување и да го поттикнат напуштањето на животните.