Италија бара од ЕУ итно преиспитување на одлуката за забрана на бензинците и дизелашите во 2035
Некои држави од Европската Унија се противат на примената на указот кој предвидува на заедничкиот пазар од 2035 година да се продаваат само возила без емисија на штетни гасови.
И покрај противењата, Европската комисија продолжува со имплементацијата на оваа одлука. Една од земјите кои се противат на нејзината примена е Италија.
Ова не е прв пат извршната власт на чело со премиерката Џорџа Мелони да го бара тоа. Италија е загрижена дека забраната за продажба на автомобили на бензински погон во Европа би значела крај на автомобилската индустрија, бидејќи електрификацијата ја отвора вратата за поголемо присуство на Кина.
Според Блумберг, италијанската влада подготвува нацрт жалба. Конкретно, барањето вклучува, меѓу другото, преиспитувањето на одлуката за забрана на возилата со мотори со внатрешно согорување, кое Европската комисија го планира за 2026 година, да се помести за 2025.
Италија очекува одлуката за 2035 година да биде одложена и дека треба да се забрза примената на синтетички горива.
„Индустријата сега се наоѓа на критична раскрсница и се соочува со големи предизвици поврзани со производството, вработувањето и глобалната пазарна конкуренција, кои бараат итно и координирано дејствување на ниво на ЕУ. Конкурентноста на европската индустрија мора да остане централна цел на политиката во регионот“, се наведува во спомнатиот нацрт на италијанскиот документ.