Истражување: Поголемата доверба во вештачката интелигенција е поврзана со намалување на критичкото размислување
Корисниците на вештачката интелигенција (АИ) кои на работа им препуштаат на ботовите да мислат наместо нив го бираат полесниот пат кој е штетен за нивниот ум, покажува ново истражување.
Истражување на 300 работници на Мајкрософт, творецот на АИ системот Копилот, покажало „самопријавено намалување на когнитивните напори“ кај многу корисници кои на работа користат вештачка интелигенција на повеќе од 900 начини, пренесува агенцијата ДПА.
Ако се користат „на погрешен начин, технологиите резултираат со намалување на когнитивните способности кои би требало да се чуваат“, предупредуваат научниците во трудот кој ќе биде претставен на крајот на април и почетокот на мај во рамки на компјутеристиката и човечкиот фактор во јапонска Јокохама.
„Поголемата доверба во АИ е поврзана со намалување на критичкото размислување, а поголемата самодоверба со посилно критичко размислување“, тврди тимот составен од научници од универзитетот Карнеги Мелон.
Со други зборови, користењето на АИ може да резултира со тоа на луѓето да им преостанат секојдневните едноставни задачи како проверка на често непредвидливото дејствување на ботовите, наместо когнитивно потешките задачи за создавање стратегии и решавање проблеми, сугерира истражувањето.
„Генеративната вештачка интелигенција го пренасочува критичкото размислување кон потврдување на информациите, интеграција на одговорите и управување со задачите“, објави тимот на Мајкрософт-ЦМУ по проценката на одговорите на своите вработени кои користеле ботови како ЧетЏПТ за задачи како пишување мејлови или ревизија на работата на своите колеги.