МакедонијаНајново

Интервјуирани кандидатите за судија во Стразбур 

Кандидатите за судија во Европскиот суд за човекови права, на интервју пред комисијата за избор. Разговорите се спроведуваа во зградата на Уставниот суд. Доаѓаа поединечно на секој половина час, а толку и траеше интервјуто на кандидатите.

Испрашувањето е на англиски и француски јазик. Процесот го следат и невладините, сите за правично судење и здружението на млади правници. Во трка се 11 кандидати, а шанса да ја продолжат постапката ќе имаат тројца. Изборот на судија за судот во Стразбур се спроведува по вторпат, откако владата го поништи претходниот избор од тројца кандидати. Ристоска и Гајдова не се пријавија на повторениот оглас, нов обид има адвокатот Јордан Апостолски.

Од комисијата за избор велат дека резултатите од интервјуата ќе ги испратат до Експертскиот панел наСоветот на Европа, но тоа ќе го направат откако антикорупциската комисија ќе ги разгеда иницијативите за судир на интереси. ДКСК добила две пријави според кои постпаката е спорна бидејќи еден од кандидатите за судија бил ментор на докторската на Дарко Костадиновски кој е претседателот на комисијата за избор. Од антикорупциска велат дека веќе работат на предметот.

„Доставено е барање до претседателот на Комисијата за избор на кандидати на РСМ за судија во Европскиот суд човекови права за прибирање информации, за чие доставување законскиот рок е 15 дена. По добивање на информациите, предметот ќе биде разгледан, по што на првата наредна седница ќе биде донесена одлука“.

Костадиновски претходно за Сител изјави дека не може да постои судир на интереси или пристрасност, бидејќи менторството од деканот на правниот факултет се случило пред 13 години. За случајот комисијата за избор разговарала и пред почеток на денешните интервјуа на кандидатите.

„По образложување на аргументите и фактите во смисла дека во конкретниот случај не може да стане збор ниту за пристрасност ниту за потенцијален судир на интереси, предлогот за изземање на претседателот Костадиновски, не беше прифатен од членовите на Комисијата“, велат од Комисијата за избор на судија за судот во Стразбур.

Македонски судија во Стразбур во моментов е Јован Илијевски, кому мандатот му истекува во февруари идната година.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons