Израел го затвори преминот меѓу Западниот Брег и Јордан
Израел го затвори единствениот премин помеѓу окупираниот Западен Брег и Јордан, еден ден откако возач кој носел хуманитарна помош од Јордан до Газа отвори оган и уби двајца Израелци, членови на воениот персонал.
Израелската управа за аеродроми, која управува со преминот преку мостот Аленби, објави дека ќе биде затворен до понатамошна одлука.
Со одлуката се опфатени и два премини помеѓу самиот Израел и Јордан, при што преминот преку реката Јордан на северот е затворен, а преминот Рабин на југ остана отворен само за работници.
Ниту една група веднаш не ја презеде одговорноста за нападот кај мостот Аленби, кој е клучен трговски пат помеѓу Јордан и Израел и единствена порта за повеќе од 3 милиони Палестинци на Западниот Брег кон Јордан и поширокиот свет.
Стотици илјади Палестинци избегаа од градот Газа откако Израел на 10 август објави дека има намера да ја преземе контролата, но поголем број остануваат, или во остатоците од куќите меѓу урнатините или во импровизирани шаторски населби.
Војската фрли летоци со кои ги повикува жителите да избегаат во назначената „хуманитарна зона“ на југот од територијата. Сепак, хуманитарните агенции велат дека условите таму се ужасни, со недоволно храна, лекови и простор, како и несоодветно засолниште.
Истражна комисија на Обединетите нации во вторникот заклучи дека Израел врши геноцид во Газа и дека високи израелски функционери, вклучувајќи го и премиерот Бенјамин Нетанјаху, ги ги поттикнуваат тие злосторства.