Засилени контроли на ДПИ во пет града: Кај 16 од 23 субјекти откриена нелегална трговија со тутун
Директорот на Државен пазарен инспекторат (ДПИ), Влатко Стојкоски денеска информираше дека инспекторите на Државниот пазарен инспекторат спровеле засилени контроли кај 23 правни субјекти кои тргуваат со тутун и тутунски производи на територијата на Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга.
„Кај 16 субјекти беа откриени производи без документи за потекло и без акцизни марки, спротивно на законските прописи. Затекнатите над 3000 пакувања, со вредност од над 1 милион денари, се привремено одземени и предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. За прекршоците се издадени платни налози, а случаите се проследени и до Царинската управа и МВР за понатамошно постапување“, истакна Стојкоски.
Тој посочи дека ДПИ ќе продолжи со засилени контроли и решително ќе ја спречува нелегалната трговија, штитејќи ги пазарот и потрошувачите.
„Остануваме посветени на борбата против криминалот и корупцијата и на обезбедување фер и безбеден пазар за сите“, порача Стојкоски.



