За само пет дена 200 возачи биле фатени без возачка дозвола во Скопје
Околу 200 лица управувале возило без возачка дозвола на улиците во Скопје, 19 возачи биле затекнати под дејство на алкохол, а кај 50 возачи било констатирано дека управувале нерегистрирано возило. Дополнително, 695 возачи биле фатени како возат со брзина поголема од дозволената.
Овие податоци ги изнесе министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за најновото издание на магазинот „360 степени“.
„Секој втор исконтролиран возач во изминатите пет дена во Скопје сторил прекршок. Од вкупно 5.440 исконтролирани возачи, кај 2.592 биле констатирани сообраќајни прекршоци“, изјави Тошковски.
Тој нагласи дека примарната цел на засилените контроли е почитувањето на сообраќајните правила и зголемувањето на безбедноста, а не полнењето на буџетот.
„Нашата примарна цел е да се почитуваат сообраќајните правила и да спасиме нечиј живот, а не да го полниме буџетот,“ истакна министерот.
Тошковски посочи дека проблемот со големиот број сообраќајни жртви – кои во изминатите три години се блиску до 400 – мора да се решава системски, со темелен и интердисциплинарен пристап. Тој нагласи дека санкциите се само еден дел од целиот процес за подигнување на безбедноста во сообраќајот, кој бара долгорочна стратегија и координација меѓу институциите.